Новости

Пунктот за бездомни лица, лоциран во Момин Поток, доби нови простории при што е зголемен капацитетот на прифатилиштето за 16 кревети.
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и претседателот на Советот, Ирена Мишева, присуствуваа на пуштањето во употреба на новиот контејнер што Град Скопје го набави и постави од пренаменетите средствата во износ од два милиона денари.
– Овие средства што беа предвидени за Новогодишната прослава, Градот ги намени за проширување на капацитетот на Пунктот за бездомници во Момин Поток, и сега двојно е зголемен капацитетот. Досега имаше само 16 кревети, а сега сместувачкиот капацитет на прифатилиштето е зголемен за уште 16 кревети и тој располага со вкупно 32 кревета, истакна Трајановски.
Според евиденцијата на Црвениот крст на Град Скопје, пунктот го посетуваат 170 бездомни лица, од кои дневно го посетуваат 65 бездомници и ги добиваат сите потребни услуги.
Секретарот на Црвениот крст на Скопје, Сузана Тунева-Пауновска рече дека системот којшто го спроведуваат во пунктот со користење на услугите на медицинска заштита и лекови, облека, психолошка поддршка, правна помош и други услуги се покажал како добра пракса и дека сега со зголемување на капацитетите уште повеќе се зголеми квалитетот на грижата за овие бездомни лица.
Градоначалникот Трајановски им додели благодарници на граѓани, организации и компаниии коишто со својата хуманост во текот на изминатата година се издвоиле од преостанатите хуманисти.
Добитници на благодарници се: Зорица Спасов, Алумни асоцијација, Тетекс АД, GLAZBAUNING и д-р Стојче Тоциновски.
27.07.17

Министерството за труд и социјална политика, изминатата недела формираше специјализиран тим за постапување по итни предмети од ранливи категории на корисници на права и услуги од надлежност на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје.
Овој чекор има за цел да им пружи прва поддршка на децата на улица, бездомните лица, жртвите на семејно насилство, нереализирање на видувања, питачење, полов напад над деца, малолетничка деликвенција и сите останати групи на граѓани во состојба на ризик.
Специјализираниот тим е во функција 24 часа, односно е задолжен за вршење итни увиди во кое било време на денот и во текот на викендите. Тимот, кој се состои од двајца социјални работници, педагог и психолог, постапува по примен повик на дежурни телефонски броеви на лицата за контакт: 078 230 943, Даниела Копчаревска, социјален работник и 076 381 762, Олга Губерениќ, социјален работник.
Инаку, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, неодамна за јавноста, преку медиумите, најави дека Министерството во наредниот период ќе работи на воведување на нов систем на социјална заштита, преку воведување на минимален адекватен приход, преку кој лицата коишто живеат во сиромаштија ќе добијат паричен надомест како надополнување на нивниот приход до линијата на сиромаштија во државата, со цел надминување на состојбата на сиромаштија.
„Во делот на социјалната политика ќе стимулираме политика на праведност при што наша приоритена цел е да се намали стапката на сиромаштија под 16% во 2020 година и да се воспостави систем за социјална заштита кој делува превентивно врз социјалните ризици“, изјави Царовска во интервју за „Скуп“, Центарот за истражувачко новинарство.
Меѓу другото, таа најави дека процесот на промени на системот за социјална заштита ќе се одвива во две насоки: подобро насочување на надоместоците, т.е. нивно насочување само кај најранливите граѓани, и издвојување на материјалните права од стручната социјална работа.
Фото: Роберт Атанасовски
26.07.2017
Разгледување на дефиницијата за бездомништвото во Македонија, која ја креираше Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, после едногодишното прво длабинско истражување на оваа тема во земјава, важноста на Законот за социјално домување во насока на решавање на проблемот со бездомништвото, како и тоа колку е важно да се мери и категоризира оваа општествена појава, како основа за дефинирање приоди во решавањето на проблемот – беа главните точки околу кои се фокусираше четвртата средба на работната група за исклученост од правото на домување и бездомништво, која се одржа во хотел „Порта“, на 3 мај.

На настанот, стражувачката Александра Илоска, говореше на тема „Мерење на бездомништвото – бројките и категоризацијата како основаа за дефинирање приоди во решавањето на проблемот“. Таа ги претстави трите концептуални категории (без покрив; несигурни живеалишта и несоодветни живеалишта) поделени во 13 оперативни категории, кои можат да се користат за дефинирање различни цели на политиката како бележење на проблемот со бездомништвото, развој, мониторинг и евалуација на политиката. Илоска говореше и за тоа како е дефинирано бездомништвото во некои земји во регионот, како и во дел од Западна Европа.

Во продолжение, беше презентиран и софтверот за мерење на бездомништвото, што го изработи шведската компанија Further, во рамките на нивното општествено одговорно делување.
На средбата се разви и дискусија за важноста од донесување Закон за социјално домување, а, исто така, беше разгледана и моментната дефиниција за бездомништво до која дојде „Паблик“ после едногодишното истражување.
На настанот, во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, со поддршка на Националниот демократски институт, (НДИ), учествуваа претставници на јавни институции, на здруженија на граѓани, претставници на Академијата.
08.05.2017

Домувањето и поддршката за бездомните лица е еден од 20-те клучни принципи во социјалната сфера, кои ги издаде Европската комисија во рамки на Европскиот столб на социјални права, кој беше претставен неодамна.
Европската федерација на национални организации кои работат со бездомни лица ФЕАНТСА, чија членка е и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, го поздрави овој потег. Во Принципот 19. кој е дел од Столбот, е наведено:
1. Пристап до социјално домување или домување со поддршка со добар квалитет за сите кои имаат потреба;
2. Ранливите групи имаат право на соодветна помош и заштита при принудно иселување;
3. Овозможување соодветни шелтри и сервиси за бездомниците во насока на нивна на социјалнат инклузија.
Токму овој сегмент донесува различни аспекти на правото за домување, на едно ново ниво на Европската унија. Тоа подразбира дека секој во ЕУ треба да има пристоен дом, социјално домување или право на соодветна поддршка на оние на кои ќе им е тоа потребно, како и тоа дека луѓето треба да бидат заштитени од принудно иселување, во насока на тоа никој да не остане без засолниште, прибежиште.
Комисијата истакнува дека реализацијата на Столбот како реалност за граѓаните е заедничка одговорност, на сите земји членки. Исто така, ЕК ја акцентира својата улога во поставувањето на рамката и давањето насоки. ФЕАНТСА верува дека Принципот 19. ќе биде акциска рамка за вистински напредок:
„Водиме кампања за ЕУ да стане фер кон, и да се заложи за бездомните луѓе. Во следниот период ќе работиме на осигурувањето дека Столбот ќе обезбеди многу повеќе од прокламирање на правото на домување. Ќе работиме со Комисијата, со националните влади, регионите, градовите и сите други засегнати страни, со што Принципот 19. ќе стане поголема политичка амибиција и ќе предвиди конкретни мерки за да се стави крај на бездомништвото и да се обезбеди правото на домување за сите“, се вели во соопштението на ФЕАНТСА по повод објаувањето на Столбот.
Освен Принципот 19. и други принципи од Столбот се релевантни во однос на бездомништвото и исклученоста од правото на домување, како: еднаков третман, пристап до важни сервиси, инклузија на луѓето со попречености, поддршка на децата, социјална заштита, минимум заработувачка, помош за невработените, итн.
Директорот на ФЕАНТСА, Фрик Спиневајн, изјави дека Европскиот столб за социјални права донесе сериозна поставеност кон справувањето со бездомништвото и исклученоста од правото на домување.
-Ова доаѓа во период кога состојбата со бездомништвото во Европа е сè полоша. Затоа, сега е исклучително важно да се исполнат очекувањата на граѓаните, и Принципот 19. Да се претвори во рамка која ќе овозможи секој во Европа да има пристојно место за живеење“.
Уште едно клучно прашање кое се наметнува, е и до кој степен ќе се користи Столбот како основа за одредување идни приоритети од годишната Работната програма на Европската комисија, како и идна распределба на ЕУ фондовите. Овој сегмент, исто така беше посочен во комуникацијата на ЕК.
ФЕАНТСА во повеќе наврати веќе упатуваше на тоа дека алатките за справување со бездомништвото веќе постојат на европско ниво. Но, овој потенцијал расте со политичката и финансиска поддршка од страна на ЕК и би одбележал огромен бран на промени во борбата против бездомништвото.
02.05.2017

Шеесет и осум годишен бездомник вчера изутрина бил пронајден мртов во скопската населба Аеродром. Починатиот бездомник, кој веројатно е првата жртва на студениот бран, бил пронајден на улицата „Бојмија“, а случајот во полиција го пријавил друг бездомник. По наредба на Јавен обвинител, телото е предадено на Судска медицина со обдукција да се утврди причината за смртта.
Во отсуство на официјални податоци за бројот на бездомни лица, останува само претпоставка за тоа колкав е бројот на јавни, скриени, потенцијални бездомници во земјава…
Доколку забележите бездомно лице во вашата околина, пријавете на 02/3139 578 и/или на 071 733 171, за да можат екипите на Црвениот крст соодветно да интервенираат и да ги згрижат овие лица.
Сестринството „Љубов на Мајка Тереза“, пак, секој ден за бездомните лица обезбедува ручек во терминот од 11 до 13 часот, на улицата „Ѓорѓи Димитров“ бр. 38.
Повеќе информации на телефонот 02 27 81 415.
09.01.2017