Неопходен е нов дискурс и итни правни мерки во јавните политики за домување

Потребата од дефинирање на бездомништвото во нормативни рамки, како и начините за негово намалување преку моделите на социјалното претпримеништво, беа главните точки на агендата на третата средба на Работната група за исклученост од правото на домување и бездомништво, која на 23 ноември се одржа во „Холидеј Ин“, во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“. На настанот учествуваа претставници на јавни институции, на здруженија на граѓани, претставници на Академијата.

foto-bezdomnistvo-rabotna-sredba

Средбата започна со презентација на тестемонијали за трите концептуални категории на бездомништвото: јавно, скриено и потенцијално, кои беа и појдовна основа за дискусија во насока на започнување на процесот на застапување и лобирање во однос на прашањето на исклученост од правото на домување и бездомништвото. Видео содржините беа успешна алатка за приказ на комплексноста на проблемот на бездомништвото, укажувајќи на фактот дека преодот од една во друга категорија е лесно возможен, доколку не се преземат соодветни превентивни мерки.

На средбата беа констатирани повеќето ризици/причини кои доведуваат до бездомништво, а меѓу нив особено беше потенцирано семејното насилство, како еден од проблемите кој бара системско и мулти-селторско решавање, опфаќајќи ги прашањата на овозможување дом на жртвата, нејзино вработување и обезбедување психо-социјална поддршка, со цел надминување на состојбата.

Отсуство на јавна свест, меѓутоа и отсуство на информираност на стекхолдерите и креаторите на јавните политики, и тоа особено за потенцијалното бездомништво, категорија која е тешко мерлива, е прашање за кое беше постигнат консензус помеѓу присутните.

НЕГАТИВНИ ИМПЛИКАЦИИ ВО ОТСУСТВО НА ЈАВНА ПОЛИТИКА
Работната група, после презентацијата на документот за јавна политика „Бездомништвото околу нас: јавно, скриено, потенцијално“, имаше можност да слушне и кои би биле негативните импликации во случај да останеме воситуација на статус кво во однос на ова прашање.

  • Отсуство на дефиниција во македонската регулативна рамка, а последователно и отсуство на заедничко разбирање што значи бездомништвото.
  • Отсуство на можност за собирање на податоци и следење на трендовите во појавата, што на долг рок пак би значело и оневозможување на дизајн на услуги кои одговараат на реалните потреби на оваа ранлива категорија.
  • Идентификуваните законски пречки за остварување на правото на соцојална и здравствена заштита, но и исклученост од пазарот на труд.
  • Кршење на одредбите од Меѓународната конвенција за социјални, економски и културни права, (потпишана 1994 година) за обврските на државата да понуди алтернативен дом пред лицата да бидат протерани од одредено живеалиште.
  • Кршење на едно од основните човекови права – правото на дом.

Меѓутоа и лимитирањето на дефиницијата за бездомништво, само во опсег на јавното бездомништво, исто така не е препорачано сценарио за развој на јавните политики од оваа област, бидејќи на овој начин нивниот фокус би се ограничил само на ре-интеграција и ре-социјализација на лицата идентификувани во оваа концептуална категорија. Контекстот во Македонија, земајќи ги во предвид сите социјални ризици, ја налага потребата од превентивна јавна политика која би била насочена кон мерки кои би го спречиле преминот на лицата кои живеат во скриено/потенцијално бездомништво во јавно. Во оваа насока беа спомнати и искуствата од европските земји кои го применуваат моделот, „Прво дом“, кој е со стапка на успех од 90% и овозможува поголема ефикасност во трошењето на јавните средства, отколку во случај кога лицето би преминало во јавно бездомништво.

Работната средба беше оквалификувана како добар пример како заеднички институциите, невладините организации и академските работници би требало да ги решаваат општествените проблеми, и како завршувањето на еден проект не треба да значи и крај на активностите врзани за главната движечка мисија која претходно била проектирана. Многумина овој состанок го дефинираа и како сериозна поддршка на професионалците кои се бават со оваа тематика, што ќе има и значајно влијание врз понатамошното креирање на нивните програми, како во поглед на стратегијата, така и во поглед на детекцијата на новите (пот)категории на бездомништво.
Дискусијата заврши со јасен поглед кон неопходните идни системски решенија, односно промени во повеќе закони кои ги таргетираат бездомните лица, (Законот за социјална заштита, Законот за локална самоуправа, итн).

„Се приближуваме кон европските стандарди, и тоа дава надеж за позитивни промени, базирани на издржани предлози. Оваа група е добар ресурс за изнаоѓање можности за решавање на многу проблеми врзани за бездомништвото“.

ИДЕНТИФИКУВАНИ ПРИОРИТЕТНИ ИНТЕРВЕНЦИИ БЕЗ БУЏЕТСКИ ИМПЛИКАЦИИ

  1. Спроведување на кост-бенефит анализа, во насока на зголемување на ефикасноста и ефективноста во искористување на јавните средства наменети за заштита на бездомните лица. (Неофицијално. трошоците во Чичино село се движат по 200 евра од лице, а таму живеат и семејства кои бројат и по 6 до 7 члена, кои со тие средства би можеле да добијат сосема поинаков третман).
  2. Бездомните лица треба да бидат наведени во правилникот на Јавното Сообраќајно Претпријатие (ЈСП) како корисници на бесплатен јавен транспорт.
  3. Бездомните лица треба да бидат додадени на листата на корисници на бесплатна правна помош.
  4. Измени и дополнување во „Законот за домување“ со што би се поставиле јасни дефиниции и индикатори за дефинирање на супстандардно домување и норма за утврдување на пренаселеност на домот.
  5. Поставување на протокол за постапување со бездомни лица со потешки медицински состојби, со јасно дефинирани обврски и одговорности на јавните служби.
  6. Измени и дополнување на „Законот за локална самоуправа“ каде јасно би се дефинирале обврските на општините во решавањето на проблемите со домувањето.
  1. Спроведување на анализа за постоечките празни и напуштени објекти на територијата на Скопје, кои би можеле да се пренаменат/адаптираат за бездомните лица и за Центри за социјална и работна интеграција.
  2. Стратешка комуникација со јавноста во однос на правото на домување што ќе придонесе и во создавање јавен притисок по ова прашање


ПРЕПОРАКИ СО БУЏЕТСКИ ИМПЛИКАЦИИ

Во општините каде е идентификувана појава на јавно бездомништво, пилотирање на „Прво дом“ како еден од моделите кои се со стапка на успех од 90% во решавањето на проблемот со јавно бездомништво. Овој концепт подразбира како приоритет да се стави решавањето на потребата од дом, а потоа работен ангажман и психо-социјална поддршка. Паралелно, идентификување на можностите кои ги нуди социјалното претприемаштво во насока на обезбедување одржливост на моделот (по примерот на housing cooperatives).
ИНДЕКС ЗА МЕРЕЊЕ НА ДЛАБОЧИНА НА БЕЗДОМНИШТВОТО

Еден од експертите, проф. Мариа Доневска, на оваа работна средба ги презентираше и резултатите од тестирањето на Инструментот за мерење на длабочина на бездомништвото, кој со мали усогласувања би можеле да го користат и други европски земји. Тестирањето е направено на примерок од 30 лица, корисници на услугите на Момин поток, при што беше заклучено следново:

  1. Родот и бездомништвото- од 30 бездомници, 28 се мажи, (што е и светски тренд);
  2. Профил: 22-јца од нив се наоѓаат на загрижувачи праг на бездомништвото, додека 8-мина се наоѓаат на граничниот праг;
  3. Здравствена заштита: 50% од лицата имаат здравствено осигурување;
  4. Услови на живеење: 11 лица живеат на улица, а останатите влегуваат во категоријата потенцијално бездомништво (сместени кај роднини и пријатели;
  5. Приходи: 22-јца од испитаниците немаат никакви приходи;
  6. Пороци: кај испитаниците идентификуван е висок степен на зависности/пороци, (особено цигари);
  7. Социјална исклученост:50% испитаници немаат никакви контакти со роднини, пријатели, институции;
  8. Надворешен изглед: скромен, чист изглед.

Препорака: Ваквото мерење би можело да се повтори за 6 месеци, со цел, со аритметичка анализа, да се утврдат промените – нова критична ситуација или подобрена состојба.

25.11.2016