Бездомништво

Бездомништвото е процес што опфаќа лица со ограничена вклученост во општествениот живот, кои го бараат сопствениот идентитет и немаат живеалиште, живеат во несигурни и/или несоодветни услови или, пак, се привремено згрижени во прифатилишта или во институции.

Теоретска рамка

Кои се главните причини за бездомништво?

Причините за проблемот со бездомништвото се структурални, поврзани со транзицијата од социјалистички во  капиталистички систем  (Хрватска, Србија, Словенија, Македонија)  и класични, кои можеме да ги групираме на следниов начин:

  • општествени (сиромаштија, невработеност, семејно насилство, конфликти, проблеми во интеракција)
  • институционални (напуштање институции, отсуство на гарантирана политика за домување)
  • индивидуални причини (зависности, психички растројства, проблеми со менталното здравје)

Кои се главни демографски показатели за бездомништво?

Од споредбената анализа спроведена во 11 европски земји произлегува дека:

  • Бездомниците се, пред сè, мажи (приближно 80 проценти)
  • Доминира возраста од 40 до 60 години
  • Најголем дел бездомници се самци
  • Во развиените земји најголем дел од бездомниците се странци
  • Поголем дел од бездомниците имаат завршено основно образование
  • Поголемиот дел од бездомниците се професионално пасивни, работат повремено и без договор.
  • Во високо развиени земји бездомниците се помлади и пократко остануваат во бездомништво.

 

Како се перцепира бездомништвото во македонски рамки? Од кога бездомниците во Македонија се третираат како маргинализирана група?

Бездомникот можеме да го набљудуваме како лице што има дисфункции, кое ги губи социјалните врски и улоги и кое постојано е обележано од страна на лицата што имаат дом.

Неможноста да се реализираат одредени улоги е поврзана и со противречностите во очекувањата од бездомниците. Едни очекувања имаат социјалните работници,  како дел од персоналот во Центрите за бездомници, кога бараат од нив активно учество во заеднички живот и почитување на принципите, а други другите луѓе, кои бездомништвото го поврзуваат со  пасивност и со апатија.

Нашиот истражувачки тим се спротивставува на секој вид етикетирања на бездомниците земајќи го предвид фактот дека различни околности придонеле тие да го загубат својот дом, а предрасудите кон нив дополнително ја усложнуваат ситуацијата во која се нашле.

Дури по 2000 година овој вид маргинализирана група, во официјалните документи на Министерството за труд и за социјална политика, е забележана како ранлива категорија.

 

Што се случува со бездомникот во преодниот период, кога другите бездомници ги перцепира како поинакви од себе, до моментот кога почнува да се чувствува како дел од нив?

Првата  фаза во новиот живот во рамки на јавното бездомништво, во согласност со  in vivo codes  на одредена група бездомници, може да има различни називи. Во секој случај, тоа е фаза кога поединецот не знае што со себеси. Блиските не го препознаваат, а тој истовремено е непознат и за другите бездомници.

Во овој период бездомникот не сака да биде слично на другите бездомници, кои за него се група со која не се идентификува. Секојдневната напнатост поврзана  со процесот на влегување / невлегување  во улогата на бездомник ја ограничува припадноста на конкретното лице на некоја група.

Во оваа фаза се посегнува и по алкохол, се запоставува личната хигиена, лицето трага по храна, а и по информации од други бездомници. Полека бездомникот од ситуација на недефинираност влегува во светот на свои – другите бездомници. Процесот  кога лицето сè повеќе влегува во улога на бездомник, воедно е и почеток на идентификацијата со новата општествена група.

 

Од кои аспекти може да се дефинира бездомништвото?

Појавата на бездомништвото може да се анализира  од три аспекти – како состојба на поседување / непоседување живеалиште, како ограничена вклученост во општествениот  живот и како процес  на барање идентитет.

Според првиот аспект, бездомништвото означува отсуство на живеалиште.

Немањето покрив / дом може да има sensu stricte  карактер (јавен) и sensu largo (скриен) кога бездомниците се сместени во центри, прифатилишта со институционална и со вонинституционална поддршка, но и кај роднини и пријатели.

Вториот аспект нè упатува да го набљудуваме бездомништвото како процес  во кој социјализацијата на бездомникот се одвива на специфичен начин. Бездомникот „испаѓа“ од одредена заедница бидејќи постојано се преместува од место во место.

Во ситуација кога лицето нема шанси да реализира некои општествени улоги,  ја губи врската со заедницата, а како резултат на тоа се јавува и прекин на семејните, соседските и на пријателските односи.

Анализирајќи го бездомништвото од третиот аспект, констатираме дека  бездомништво е процес, а не состојба. Секој ден бездомникот сè повеќе се втурнува во својата осаменост, безнадежност и очај. Влезот во бездомништво за него е пресвртница што води кон несигурен и несреден живот.

Емотивната празнина го зголемува физичкото бездомништво (немање покрив над глава). Вклучувањето во светот на бездомниците со себе носи потреба од самодефиниција како бездомник.

 

Каква е структурата на бездомници во Македонија?

Тоа е менлива категорија. Во Европа бездомниците сè почесто се помлади. Таа тенденција е присутна и во Македонија.Според анализите на Институтот за социјална работа и за политика при Филозофскиот факултет – Скопје, во 2002 година 50 проценти од бездомниците биле самци, 35 проценти  разведени, 14 проценти во брак, три проценти вдовци. Другите – без никаков контакт со поранешна средина

Каде најчесто се движат бездомниците?

Бездомништвото е урбан феномен, карактеристичен за големите градови, каде што бездомниците можат да се загубат во масата други луѓе.

Бездомниците што припаѓаат на групата јавни бездомници најчесто можат да се најдат на железнички и на автобуски станици, на пазари, во паркови, а често се забележуваат и во трговски центри и во обложувалници.

Летно време често го менуваат местото на престој.