Бездомништво

Бездомништвото е процес што опфаќа лица со ограничена вклученост во општествениот живот, кои го бараат сопствениот идентитет и немаат живеалиште, живеат во несигурни и/или несоодветни услови или, пак, се привремено згрижени во прифатилишта или во институции.

Систем за помош на бездомници

Системот за помош на бездомниците треба да се состои од 4 (четири) форми.

1. Превенција

2. Рана интервенција

3. Интервенција во криза

4. Социјална и професионална интеграција

 

Превенција – рана интервенција – интервенција во криза – интеграција

Помошта треба да се реализира во соработката на владиниот, невладиниот и со деловниот сектор. Овде свој придонес може да дадат и верските заедници.

1. Превентивните форми на дејствување кон бездомниците се со фокус на вработување и на домување. На лица со симптоми за влегување во бездомништво треба веднаш да им се понуди работен ангажман. Особено вниманието треба да обрне на семејства што живеат во супстандардни услови, нелегални живеалишта и семејства кај кои постои ризик да го загубат сопствениот дом или изнајменото живеалиште.

2. Раната интервенција се реализира преку идентификација на ризични групи лица и со преземање на сите можни мерки за лицата / семејствата каде што се забележуваат симптоми на влегување во бездомништво. Посебна улога во овој вид активности имаат Центрите за социјална работа, патронажните служби,  патролните социјални работници на Град Скопје и  верските заедници. (Главните активности се однесуваат на детален преглед на приходи, живеалиште, имотна состојба, работа, семејство, здравствено осигурување)

3. Интервенцијата во криза се однесува на лица што навлегле во бездомништво.

Активностите  се со акцент на:

  • обезбедување живеалиште (центар / прифатилиште за бездомници со нова концепција или тренинг-живеалиште со поддршка – терапевтска заедница)
  • обезбедување храна, облека, здравствена заштита

Потребни  се:

  • активности на патролни социјални работници
  • пунктови за преспивање
  • пунктови за итна помош (пунктови за нега и за лекување, народни кујни, пунктови за лична хигиена, информациски пунктови)

4. Социјална и професионална интеграција

Социјалната интеграција  се однесува на лица со бездомнички статус. Нејзина цел е повторно вклучување во општеството (инклузија ) и обезбедување животна  самостојност. Социјалната интеграција  има различни димензии (економска, психолошка, социјална, правна)

Поради големата разновидност на бездомниците се предлага и разновидност во однос на институциите за бездомници, каде што помошта ќе биде приспособена кон нивото на мотивираност на лицата за излез од бездомничка состојба.

Постигнувањето инклузија (работни, спортски, културни, обрзазовни активности) и самостојност може да се случи и во институции што ги згрижуваат бездомниците.

Најповолни за тоа се засолништата или тренинг-живеалиштата поради нивна големина и помалиот број штитеници  Според македонскиот Закон за социјална заштита, тренинг–живеалиштето може да личи на терапевтска заедница

Закон за социјална заштита, членот 147-а /09.2015

Терапевтската заедница обезбедува привремено прифаќање и згрижување на

лицата што употребуваат, односно злоупотребуваат дрога и други психотропни супстанции и прекурзори, спроведување социјална ресоцијализација преку организиран психосоцијален третман во текот на одреден временски период, преку програма и метод на самопочитување и активно вклучување на корисникот во терапевтската програма, услуги во врска со исхрана, престој, згрижување, одржување хигиена и културно-забавни активности. Поблиските услови за начинот на остварување и на спроведување на програмата за социјална ресоцијализација во терапевтска заедница ги пропишува министерот.

Најчесто бездомниците мораат да учествуваат во режиските трошоци за терапевтските заедници . Тоа  е еден од начини за учење на самостојност и на одговорност.

Во институциите за бездомници задолжително треба да се организира едукација – со професионалната и психолошката димензија. Психолошката поддршка треба да биде организирана од професионалци, но и од самите бездомници, кои во терапевтската заедница го применуваат групниот метод на терапија, а самите оформуваат  групи за заемна помош т.н mutual help groups.1. Во терапевтските заедници бездомниците треба да учествуваат во групниот живот како рамноправни партнери.

На жителите на центрите и на тренинг-живеалиштата треба да им се обезбеди работен ангажман (работилници, курсеви, обуки), а во исто време и подобрување на нивните работни навики за да можат да станат поконкурентни на пазарот на труд.

Според практиката во други земји, за бездомниците може да се обезбеди и личен асистент, кој од позиција на другар и на помошник го враќа бездомникот во општественото живеење.

  • Mutual helps groups – групи за заемна помош со учество на терапевт. Луѓе со слични проблеми  се организираат заедно, си даваат поддршка во решавањето на проблемот (самохрани мајки, родители на деца болни од некоја болест…)