МТСП формираше тим за итни предмети кај ранливите категории

foto Robert Atanasovski

Министерството за труд и социјална политика, изминатата недела формираше специјализиран тим за постапување по итни предмети од ранливи категории на корисници на права и услуги од надлежност на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје.
Овој чекор има за цел да им пружи прва поддршка на децата на улица, бездомните лица, жртвите на семејно насилство, нереализирање на видувања, питачење, полов напад над деца, малолетничка деликвенција и сите останати групи на граѓани во состојба на ризик.
Специјализираниот тим е во функција 24 часа, односно е задолжен за вршење итни увиди во кое било време на денот и во текот на викендите. Тимот, кој се состои од двајца социјални работници, педагог и психолог, постапува по примен повик на дежурни телефонски броеви на лицата за контакт: 078 230 943, Даниела Копчаревска, социјален работник и 076 381 762, Олга Губерениќ, социјален работник.
Инаку, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, неодамна за јавноста, преку медиумите, најави дека Министерството во наредниот период ќе работи на воведување на нов систем на социјална заштита, преку воведување на минимален адекватен приход, преку кој лицата коишто живеат во сиромаштија ќе добијат паричен надомест како надополнување на нивниот приход до линијата на сиромаштија во државата, со цел надминување на состојбата на сиромаштија.
„Во делот на социјалната политика ќе стимулираме политика на праведност при што наша приоритена цел е да се намали стапката на сиромаштија под 16% во 2020 година и да се воспостави систем за социјална заштита кој делува превентивно врз социјалните ризици“, изјави Царовска во интервју за „Скуп“, Центарот за истражувачко новинарство.
Меѓу другото, таа најави дека процесот на промени на системот за социјална заштита ќе се одвива во две насоки: подобро насочување на надоместоците, т.е. нивно насочување само кај најранливите граѓани, и издвојување на материјалните права од стручната социјална работа.

Фото: Роберт Атанасовски
26.07.2017