Бездомништво

Бездомништвото е процес што опфаќа лица со ограничена вклученост во општествениот живот, кои го бараат сопствениот идентитет и немаат живеалиште, живеат во несигурни и/или несоодветни услови или, пак, се привремено згрижени во прифатилишта или во институции.

Законска рамка

Транзициските процеси во Република Македонија предизвикаа промени и во  домувањето. Со донесувањето на Законот за домување во 1998 година (Службен весник на РМ бр.21) се укина категоријата општествени станови и станот почна да се третира како економска категорија, со што се наметна нов систем на вреднување на домувањето. Нормативната рамка во областа на домувањето во Македонија препознава шест категории станбено необезбедени граѓани, кои се потенцијални корисници на социјални станови: деца без родители или родителска грижа; корисници на социјална и на постојана парична помош; лица погодени од елементарни – природни непогоди; лица со инвалидност и лица на кои им е потребна помош и грижа од други лица; лица припадници на ромската заедница, социјално загрозени и самохрани родители со малолетни деца[1].

Според податоците од Националната стратегија за домување (2007-2012), Република Македонија располага со суфицит од станбен простор, кој изнесува околу 130.000 станбени единици, што укажува на тоа дека многу семејства располагаат со повеќе од еден стан, а голем број од „станбено необезбедените семејства“ располагаат со станбен простор во руралните средини, кои со преселувањето во градовите ги напуштиле објектите или им служат само како викенд-куќи. Реално гледано, состојбата на овие станбени објекти во голем дел од руралните средини е многу лоша, односно не постојат основни услови за живеење (електрика, вода, канализација, патишта, училишта, амбуланти, пошти, организиран сообраќај итн.), меѓутоа постојат и подрачја во кои инфраструктурните објекти се, главно, задоволувачки и добри, но се користат, пред сè, само како рекреативни населби.

Во истата Стратегија се препознаваат поимите соодветно и минимално домување, но тие не се јасно дефинирани. Поимот соодветно домување подразбира нормирано домување, кое општеството го смета за задоволително, односно како стандард на домување што е дефиниран како општа цел што треба да се оствари во иднина. Дефинирањето на оваа категорија не се однесува само на површината и на опременоста на станбениот простор, туку и на прашања поврзани со правната сигурност во користење на становите, што е суштински поврзано со континуитетот на правниот систем и со станбена политика. Од техничко-технолошки аспект, утврдувањето на оваа категорија е важно за регулирање на материјата во актите со кои се уредуваат прашањата поврзани со изградба на нови станови (изградба, одржување и користење).

Категоријата минимално домување е порестриктивна во определувањето на нивото на стандардот што општеството го дефинира како најниско ниво на стандарди во домувањето и ги опфаќа физичките и правните стандарди што ова ниво треба да ги обезбеди за да се детерминираат како најмали основни потреби на корисниците.

Во „Националната стратегија за намалување на сиромаштијата и на социјалната исклученост во Република Македонија“ (2010-2020) една од стратегиските цели е: постигнување стандардизирани и хармонични услови на домување за категориите граѓани што се сметаат социјално исклучени во домувањето: деца без родители или родителска грижа, корисници на социјална и на постојана парична помош, лица со инвалидност и лица на кои им е потребна помош и грижа од други лица, лица припадници на ромската заедница, социјално загрозени и самохрани родители со малолетни деца. Во рамките на оваа  стратегиска цел се очекува остварување на следниве резултати:

  • Намален степен на супстандардни услови на домување, изразен преку недостиг од комунални приклучоци и друга инфраструктура, или неквалитетна и небезбедна конструкција,
  • Намален степен на пренаселеност на домот, изразен во потпросечна корисна станбена површина по член на домаќинството,
  • Искоренета просторна сегрегација на етнички или други видови заедници, како последица на постојни културни и социјални матрици,
  • Намален ризик од загуба на станарскиот статус поради правна несигурност, како резултат на промена или доследно спроведување на регулативата од областа на градбата и од областа на просторно и на урбанистичко планирање.

Меѓутоа, исто така, мора да се спомене дека во „Националната стратегија за намалување на сиромаштијата и на социјалната исклученост во Република Македонија (2010-2020) – во областа на социјалната заштита, каде што специфичната стратегиска цел е оформување систем на социјална заштита на најсиромашните граѓани, обезбедување пристапи кон вонинституционални и институционални форми на заштита и засилување на капацитетите на системот на социјална заштита, фокусот е на стари лица, деца без родители и родителска грижа и на жртви на семејно насилство, при што бездомниците не се издвоени како посебна категорија.

Во Стратегијата за намалување на сиромаштијата во Република Македонија во надминувањето на проблемот на сиромаштијата во супстандардните населби, се утврдени следниве мерки: комплетирање на инфраструктурата (сообраќајна и комунална), во непланско подигнатите населби, обезбедување урбани услуги и легализација на објектите што може да се легализираат.

Оттаму, задоволувањето на минималните просторни услови, опременоста на станот со основна комунална инфраструктура (струја, вода, канализација)  и сообраќајна поврзаност на домот со населбата и пошироко – градот, како и правната сигурност на поседување или користење на станот, е основниот минимален предуслов за хумано живеење.

Во 2007 година е усвоен „Акциски план за спроведување на Стратегијата за домување на Република Македонија (2007-2012)“ во кој се предвидуваше донесување закон за социјално домување до септември 2008 година, кој би го регулирал социјалното домување, остварувањето на правото на социјално домување на ранливите групи.Овој закон сè уште не е донесен, но самата стратегија  концепциски не предвидува нова ориентација и структурни реформи во правец на обезбедување системски механизми што ќе го засилуваат социјалниот станбен фонд во Македонија (Димитријоска, 2011[3])

Од 2010 година во програмата на град Скопје за активности во областа на социјалната заштита од 2010 година наваму, една од активностите е поддршка на пунктот и на прифатилиштето за бездомници на Црвениот крст на град Скопје.

 

[1] Службен весник на Република Македонија, 2009: 4).

[2] Заедно со сиромашните, социјална група кај која се евидентирани најлошите примери на супстандардно домување во Македонија, е ромската етничка заедница.

[3] Димитријоска, С. (2011). Студија за „Национални програми и бенефиции во рамките на системот на социјална заштита во Република Македонија. Скопје.