Бездомништво

Бездомништвото е процес што опфаќа лица со ограничена вклученост во општествениот живот, кои го бараат сопствениот идентитет и немаат живеалиште, живеат во несигурни и/или несоодветни услови или, пак, се привремено згрижени во прифатилишта или во институции.

(Вон)Институционална поддршка

Што се прави во Македонија за бездомниците?

ЦЕНТАР ЗА ЗГРИЖУВАЊЕ БЕЗДОМНИЦИ ВО ЧИЧИНО СЕЛО

Центарот за бездомници во Чичино Село може да згрижи околу 70 лица, а неговиот капацитет е намален по опожарувањето во мај 2015 година, кога левата страна од комплексот бараки загуби речиси 30 соби. Лицата овде се сместуваат со решение издадено од јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје, во согласност со Законот за социјална заштита.

Процедурата за сместување трае најмалку 15 дена. Се прави увид на лицето, се подготвуваат документи (дали се приматели на социјална помош или дали се сопственици на некаков имот) и потоа се добива решението за згрижување.
Не постои ограничување за користење на услугите на Центарот за бездомници. Тие се таму додека има потреба за тоа. Кога се изработува решението првобитно стои период од шест месеци. Потоа бездомникот повторно поднесува барање за продолжување на решението на уште шест месеци. Но, некои од бездомниците таму престојуваат и по десет години.
Лицата што се сместуваат во Чичино Село (семејства или самци) неопходно е да имаат документи за идентификација, да немаат право на користење социјална парична помош. Тие добиваат по три оброци, појадок, ручек и вечера. Оброците се доставуваат до центарот, а штитениците си ги подигаат со свои лични садови.
Во Центарот 24 часа има топла вода (за штитениците што сами си монтирале бојлери), а за затоплување на просториите се користат греалки.

Во септември 2013 година народниот правобранител поднесе извештај од извршен увид во Центарот за згрижување бездомници во Чичино Село. Оваа програмска активност имала за цел да се согледаат условите за живеење и за престој на лицата во овој прифатен центар, дали и во која мера се почитуваат нивните права – правото на социјална заштита, образование, здравствена заштита, домување и друго, како и тоа дали се почитува принципот на недискриминација. http://ombudsman.mk/upload/documents/2013/Izvestaj-Cicino%20selo.pdf

До пред неколку години државата нудеше сместување за бездомниците и во центар во Катланово и во камп во Љубанци, кои сега не се во употреба.
Центарот во Катланово беше отворен во 2006 година и функционираше три години, а главна причина за згаснувањето е оддалеченоста (изолираноста) од централното градско подрачје и несоодветните услови за престој, на што реагирале штитениците.

Кампот за бездомници, пак, во Љубанци функционираше само две години, од 2010 година до 2012 година, а причините за неговото затворање се речиси идентични како и за Катланово.

*ЦРВЕН КРСТ НА ГРАД СКОПЈЕ

Во рамки на Црвениот крст на град Скопје постојат две програми за помош на бездомниците, од кои едната е директно насочена исклучително кон бездомниците и кон задоволување на дел од нивните потреби преку Пунктот за бездомници, а другата опфаќа поширока група ранливи лица, меѓу кои и бездомниците.

*ПУНКТ ЗА БЕЗДОМНИЦИ

Пунктот за бездомници во Момин Поток работи секој петок, а во понеделниците тој е отворен само за хигиенски услуги за корисниците.
Редовно го посетуваат 65 бездомници, а во петоците, во просек, се присутни 45 бездомници. Од  основањето на пунктот во 2008 година досега, евидентирани се 170 бездомници што користат услуги овде. Најголем број од нив живеат во паркови, напуштени згради, железнички / автобуски станици, подруми, гаражи и сл.

1. Хигиенски услуги

Една од основните причини поради која бездомниците го посетуваат пунктот се хигиенските услуги. Пред да добијат која било од другите услуги, бездомниците можат да се искапат и да добијат чисти алишта. Воедно, своите валкани алишта можат да ги остават и да ги подигнат испрани наредниот петок.

2. Примарна здравствена заштита

Лицата во пунктот добиваат и бесплатна примарна здравствена заштита и бесплатни лекови. Доколку се потребни дополнителни лекувања на секундарно и на терцијарно ниво, тимот на Црвен крст се ангажира во изнаоѓање соодветни и алтернативни решенија за покривање на трошоците и за институционално сметување на овие лица од страна на државата како одговорен субјект во овие ситуации.

Во овој дел сѐ уште нема системско решение за лекување на лицата што не се здравствено осигурени и кои немаат лична документација.

3. Психолошка асистенција

Целта на психолошката асистенција е да ја зголеми  свеста за личната одговорност кон сопственото секојдневие, донесување одлуки што можат да влијаат позитивно на нивата личност, а најмногу зголемување на личната активност за преземање активности што би можеле да им бидат од корист на бездомниците.

4. Социјална работа

Социјалниот работник подготвува социјални анамнези за новите бездомници, како и ажурирање на веќе постојните досиеја, реализирање стручно-советодавни разговори, вадење лични документи, издавање потврди за сите корисници на пунктот, помош и поддршка при пишување / пополнување документи, формулари кај неписмените бездомници, обезбедување бесплатни услуги од донатори како стоматолошки, правни услуги, како и поддршка при вработување на работоспособните лица, организирање редовна продажба на уличното списание  „Лице в лице“, придружба на лицата до соодветни институции кога е потребно.

5.  Привремено прифатилиште

Привременото прифатилиште е подготвено во секое време да прими бездомник што е во тешка здравствена состојба, а за кој нема итно решение за сместување во соодветна институција. Исто така, за зимскиот период е подготвен план за дејствување во екстремно студени денови. Прифатилиштето се отвора кога температурата е пониска од -10 Целзиусови степени, кога се воспоставуваат 24-часовни дежурства на екипи на Црвен крст и возило што на повик дејствува на терен.

 

Патролна социјална служба

Во Црвениот крст на град Скопје се ангажирани тројца патролни социјални работници што откриваат  лица и семејства во ризик, а меѓу нив е и категоријата бездомници. Нивната улога е преку средби со лицата и со семејствата во ризик да се препознаат проблемите со кои се соочуваат и потоа да ги упатат кон сите постојни ресурси во заедницата и во градот.

Во акциите на Црвен крст за згрижување на бездомниците можат да се вклучат и  граѓаните со донирање облека, храна, средства за хигиена и ќебиња. Донациите можат да ги остават во магацинот на Црвен крст на град Скопје, во Момин Поток.

Граѓаните можат и да пријават бездомници на тел. 02/3139 578.

Пунктови за облека за бездомници и за други социјално ранливи категории сограѓани – Во јуни 2014 година Црвен крст на град Скопје отвори пункт за облека во која социјалнозагрозените категории сограѓани може да дојдат до половна облека, и тоа преку ваучери што ги издава ЦК врз основа на процена.
Бездомниците, пак, оваа услуга можат да ја користат во пунктот за бездомници во Момин Поток.

Исто така, во Скопје се поставени и осум контејнери за донирање облека, а такви има и во Битола, Охрид и во Струга.

Проектот за донирање облека се реализира со поддршка на Алфа банка а.д. Скопје.
 

УЛИЧНО СПИСАНИЕ „ЛИЦЕ В ЛИЦЕ“

– Списанието излегува од септември 2012 година, а го промовира моделот на социјално претприемаштво. Негови продавачи се претставници од најранливите слоеви во општеството, меѓу кои и бездомници, при што една половина од продажната цена оди директно за продавачот, а втората половина се користи за печатење и за активности што го подобруваат животот на маргинализираните лица што се дел од програмата на „Лице в лице“.

Освен што се вклучуваат во продажбата, лицата поминуваат и низ едукативна програма за подобрување на нивните комуникациски и продажни вештини, за зголемување на нивната самодоверба и мотивација, а вклучувањето во неа за нив овозможува и директни средби со претставници на компании каде што се одвива организирана продажба на списанието. Во исто време, некои од компаниите и вработуваат продавачи на списанието што ги имаат потребните квалификации во согласност со отвореното работно место. Досега преку програмата се вработени тројца продавачи на „Лице в лице“.
Со цел да се нагласи овој жежок општествен проблем во Македонија, „Лице в лице“ посвети и издание посветено на бездомништвото, а редовно како содржина ја третира и во секое ново издание на списанието.

Акција „Еден ден во друштво на бездомник“ – Во оваа акција на „Лице в лице“ се приклучија неколку македонски уметници, од различни сфери, кои по еден ден поминат со бездомник продуцираа дела, (расказ, песна, фотографија, цртеж), кои потоа беа и јавно презентирани, а беа публикувани и во бројот на списанието посветено на оваа тема. Предизвикот што го носеше оваа иницијатива безрезервно го прифатија ликовниот уметник Атанас Ботев, фотографите Томислав Георгиев и Елена Димитриевска и писателите Иван Шопов и Николина Андова – Шопова..

„РЕТВИТНИ ОБРОК“ И „ВИСТИНСКИ ДЕЛА НА ЉУБЕЗНОСТ“

– Топла манџа, ориз и месо е најчесто храната што активистите од иницијативата „Ретвитни оброк“ им ја делат на луѓето што ја немаат. Секоја сабота, точно напладне, на платото на АРМ кај куќата на Мајка Тереза, доаѓаат бездомници и социјално загрозени лица, кои не можат да си дозволат топол оброк. Тој им е овозможен од организацијата „Вистински дела на љубезност“ и од акцијата на „Твитер“. Постои и група на „Фејсбук“, од отворен тип, на која секој е добредојден доколку сака да даде идеја, предлог, да помогне со логистика, продукти…

Хуманитарниот проект „Вистински дела на љубезност“ почна со своите активности во 2013 година и, освен храна, донира и облека, постелнина, покуќнина, благодарение на донациите на граѓаните.

Првиот организиран настан за делење седмичен оброк на бездомниците од Скопје беше организиран на 29 декември 2013 година, пред спомен-куќата на Мајка Тереза, каде што редовно се спроведува секоја сабота до денес.

 

ФРЕШИС“ 

Прв ресторан со социјален деловен модел во земјава, чијашто идеја е 34 отсто од профитот да оди во општествени цели. Постои од мај 2015 година и соработува со „Вистински дела на љубезност“, каде што на неделно ниво донира храна, (супи, овошје, лепчиња), кои потоа преку оваа организација стигнуваат до крајните корисници. Во исто време „Фрешис“ соработува и со граѓанската иницијатива „Ретвитни оброк“, и сите заедно успеваат секоја сабота да подготват / обезбедат оброци за околу 150 луѓе.
Храна од „Фрешис“ се донира и во народната кујна во црквата во Ѓорче Петров, „Св.Петар и Павле“ кога е отворена за посетителите од ранливите групи.

 

НАРОДНИ КУЈНИ

МТСП – Од 2007 година, Министерство за труд и за социјална политика (МТСП) го воведе проектот „Народни кујни“. Според официјалните податоци на МТСП, на територијата на Македонија функционираат  49 народни кујни во кои се опфатени околу 4.000 лица што ги користат услугите.

Народни кујни под капа на МТСП има во следниве општини: Штип, Велес, Неготино, Берово, Пехчево, Крива Паланка, Струмица, Куманово, Свети Николе, Битола, Делчево, Радовиш, Струга, Гевгелија, Валандово, Крушево, Виница, Кратово, Прилеп, Македонски Брод, Шуто Оризари, Кочани, Тетово, Бутел, Македонска Каменица, Кисела Вода, Чаир, Гази Баба, Кавадарци, Кичево, Пробиштип, Чашка, Центар, Дебар, Охрид, Злетово, Црник, Старо Нагоричане, Конче, Градско, Василево, Карбинци, Чешиново – Облешево (населено место Чешиново и населено место Облешево), Ранковце, Центар Жупа, Демир Капија, Другово (Кичево) и Зрновци.

 

МПЦ и Католичка црква
Во Скопје има две народни кујни отворени од страна на Македонската православна црква – „Св.Петар и Павле“, која функционира во рамки на хуманитарната организација „Ѓаконија“, и една во „Св.Петка“. Услугите што ги нудат овие две кујни често се случува да се и недостапни, доколку не се исполнети сите услови за работа (достапност до намирници, исклучена електрична енергија и слично).
Народна кујна под капата на МПЦ постои и во Велес.
Услуги за бездомниците нуди и Католичката црква во Скопје.
-Банка за храна на Македонија – Оваа непрофитна организација ја собира храната, чијшто рок на траење е при крај, а продавачите не можат да ја продадат, со цел да ја дистрибуира до тие на кои им е најпотребна преку народните кујни, или, пак, преку организации што работат со ранливи групи.

Други акции и иницијативи за помош на бездомниците

„Подари топли празници“, 2013 година – иницијатива на Црвениот крст на град Скопје и на „Скопје сити мол“ за донирање топла облека и обувки, наменети исклучително за помош и за поддршка на бездомниците на територијата на Скопје

„Солидарен оброк“ – иницијативата на порталот „Факултети“ и на Црвен крст на град Скопје, со поддршка на уличното списание „Лице в лице“, почна во 2013 година, и тоа во  соработка со пет угостителски објекти („Гурмет“, „Дедо Грозде“, „Добар апетит“, „Гала кујна“ и „Круна“) каде што граѓаните можеа покрај својот оброк да купат уште еден за бездомниците. Освен во Скопје, се спроведе и во Кавадарци и во Струмица.

– Pending Coffe Day – „Ти можеш за двајца“ – првиот настан во рамки на оваа иницијатива се одржа во април во кафе-книжарницата „Магор“ при што со секое испиено кафе, а платено второ, второто да биде за некој што не може да си го дозволи.

За жал, оваа иницијатива згасна.